Бојата е кожата, таа го обојува светот, платното. Без боја е досадно. Борбата помеѓу црното и белото и бојата. Кој ќе преовладе? Кој е посилен? Кој е помоќен?
Црната е звукот, белата е
светлината, боите се мирисот на сликата. Сите тие можат да бидат фрлени, прекршени,
искинати, размачкани, измазнети, густи и лазурни. Доаѓаат до израз вкусот и
чувствата на уметникот. Интензивниот контраст на бојата значи дека се
спротивставени различни бои. Борбата започна. Се појавува шаренило, раскош и
имагинативност. Кога нашите чувства се нежни, ние користиме хармонични бои.
Доколку пак се силни и вознемирени често користиме контрасни бои. Топол и студен
контраст. Возбудување.
На платното се случува уште една
борба или пак надополнување во играта на сликата. Бојата и линијата. Веселост,
радост, нов импулс, нов живот. Линијата е чипкаст украс на сликата. Каква
убавина, смирение. Како да не можат една без друга. Едната е крвотокот, другата
е кожата. Прават еден универзум на еден човек, тој тоа само го спроведува. Тоа
е дело на Бога, тој само се служи преку нашите канали. Нашите слабости, мани и
доблести во момент се стопираат. Раката работи, умот мисли, каква убавина.
Восхит. Се се случува многу брзо импулсивно. Сликата е готова. Какво
задоволство за нашите очи и расположение.
No comments:
Post a Comment