Thursday, August 4, 2022

КРАТОК ОСВРТ ЗА ДЕЛАТА ОД ЦИКЛУСОТ - ЧАЈНИЦИ

 


Сопружниците Емилија и Стојче 

Тоциновски се академски ликовни уметници, кои припаѓаат на 

младата генерација сликари во современото македонско сликарство. 

Со оваа изложба – циклусот Чајници, тие уште еднаш потврдуваат 

дека се ликовни творци кои освоиле засебен естетски свет и ликовен 

ракопис, со што ги предочуваат вредносните аспекти на своето 

творештво. 

Нивната мисловна ангажираност, бујната имагинација и 

сензибилитет, како и истражувачката енергија и експресија 

резултираат во автономни творби со содржина помеѓу слободата на 

тематскиот слој и ликовната престава.

Тоа е свет на сликарски ансамбли со слоевита лексика, збиен и 

сензибилен набој, хармонизирани колористички градации ритмично 

избалансирани, со напати вметнати елементи од други техники /како 

колаж и декупаж/.Оттука и основната градба на ова сликарство се 

карактеризира со асоцијативно-симболичните содржини со модерен 

ликовен израз, со интензивен и впечатлив колорит, благодарение на 

нивното извонредно чувство да воспостават експресивен спој 

помеѓу боите. 

Тоа се дела кои се работени со многу конструктивна топлина и 

љубов, дела работени лесно, чисто, со одмереност и искреност, со 

рафинирани потези на минуциозна и педантна разработка, со 

транспарентна хроматска усогласеност на колоритот. Тоа се дела со 

различна мотивска содржина на стилизирани и флуидни форми кои 

во меѓусебниот однос на предметот и просторот како и распоредот 

на ликовните елементи упатуваат на врамнотежена, цврста и 

компактна композиција.

Отука и основната порака на овие дела е искреноста, убавината, 

радоста, страста , позитивните чувства и секако племенитоста кои 

сите подеднакво кореспондираат предизвикувајќи возбуда и 

естетска страст. 

Во нивната голема љубов – уметноста, на сопствен начин ги 

пресоздаваат човекот, животот и светот. Темите и мотивите со 

нагласена поетика од симболи и со раскошот на боите ги 

овековечуваат како ода на радоста, добрината и љубовта.

Дора Андова 

No comments:

Post a Comment